Граѓанско демократската унија (ГДУ) изразува разочарување што такаречените „големи партии“, повторно го заобиколија пописот како исклучително важен процес пред одржување на парламентарните избори.
Партијата вели дека нејзин приоритет во новото Собрание ќе биде неодложно одржување на попис.
Одењето на избори без попишано население дозволува „големите партии” да продолжат да ги користат веќе познатите методи за лажирање на бројките од гласањето и притоа, едни со други, само да се напаѓаат за изборна измама. И едните и другите ја користат ситуацијата на штета на граѓанинот. До одржување на пописот ќе поминат 20 години од последниот успешно организиран во 2002 година. Досегашните владини коалиции на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ токму на пописот ја покажа својата совршена неспособност. Затоа што невозможно е демократска држава да има добро владеење, да крои политики и да спроведува реформи базирани на факти, без попис на населението. Невозможно е да го продолжиме патот за членство во ЕУ ако не спроведеме попис. – вели претседателот на Граѓанската демократска унија, Петар Колев.
Според ГДУ, податоците од пописот неоспорно ќе ја олеснат имплементацијата на сериозните реформи на изборното законодавство и економските реформи кои ќе доведат до коренити промени во системот, за кои тие ќе се залагаат.
ГДУ верува дека на Македонија и е потребна фундаментална промена на системот и општеството кое ние го разбираме како заедница на слободни и одговорни индивидуи. Краткорочни и популистички решенија кои ги нудат сите досегашни владини коалиции не може да продуцираат здраво образование, стабилен здравствен или пензиски систем и економски развој што ќе не извлече од хаосот во кој досега нѐ втурнаа ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. – дополнува Колев.
Партијата потсетува дека последниот обид да се спроведе попис се случи пред 9 години, но пописот во 2011 година пропадна поради обиди да се манипулира со бројките од истиот.
OhridNews