По обид да ја мине македонско-албанската граница на преминот Ќафасан, вчера рано утрото, приведен е сопственикот на „Сведмилк“, Моше Баум. Тој се товари за обид за подметнување бланко чек без покритие на една рентакар фирма. Баум синоќа беше изведен пред истражен судија во Скопје, но не му е изречена мерка притвор.

МВР информира дека без да го врати изнајменото возило „сеат ибица“, за кое договорот бил склучен со рок за враќање на возилото до 5 март 2009, Баум се обидел да излезе од Република Македонија на граничниот премин Ќафасан, но бил спречен од  вработените на преминот. Против него одделението за економски криминал на СВР Скопје поднесе кривична пријава за кривични дела „измама“ и „издавање чек без покритие и злоупотреба на кредитна картичка“.

Баум за едно евро ја купи млекарницата „Сведмилк“ која има долгови од околу 34 милиони евра, од кои 4 милиони компанијата им должи на млеко производителите. Тие со месеци бараат исплата на парите за предаденото млеко, поради што организираа и неколку масовни протести. Дел од доверителите пред 10 дена поднесоа барање за отворање стечајна постапка за „Сведмилк“, за што судот сеуште се нема изјаснето. Владата, од која млекарите побараа помош во разрешување на кризата, се огради од случајот, кој според неа е спор помеѓу приватни лица.

Ohridnews