Тешки квалификации дека е „нехристијанска и парацрковна“ организација доби Македонската православна црква од други православни цркви на вчерашното одбележување на 1.700-годишнината од донесувањето на Миланскиот едикт во Ниш, Србија, пишува „Дневник“. Вакви навреди се изречени поради случајот со Јован Вранишкоски, кој беше расчинет од МПЦ поради придружувањето на СПЦ и е осуден на затворска казна поради финансиските малверзации. Обвинувањата беа содржани во обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј на крајот од свеченоста, а кое го читаше српскиот владика Иринеј бачки, познат негатор на првото на македонска црковна автокефалност, пренесува весникот.

– Во нашите православни цркви повторно зајакнуваат разни расколи, ереси, отпадништва. Ерарсите се прогонуваат, како, на пример, архиепископ охридски Јован. Свештениците, монасите, верниците биваат прогонети за зборот Божји, бидејќи не се согласуваат да се вклучат во антихристијанска и псевдоцрковна организација, а тоа е помогнато и од државните структури. Затоа што го носат името Христово, тие се прогонуваат без каква и да е причина и вина – се потенцира во обраќањето на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кое го читал српскиот владика Иринеј.

Претходно тој порачал дека „Господ Исус Христос“ е повторно распнат со појавите на расипаност и ненаситност.

– Тие што ја зборуваат вистината ги распнуваат. Во овој свет владее неслобода – рече тој.

Додека биле изнесени овие тешки навреди, седуммината владици кои присуствувале на говорот, меѓу кои и Рускиот Кирил молчеле.

Тимотеј: Ваквите обвинувања се надвор од умот

-Руската православна црква и Царигадската патријаршија никогаш досега во нашите контакти не нж нарекле нехристијанска и парацрква. Со нив секогаш имавме добри контакти и најмногу што кажувале било дека сме непризнаена црква. Тоа го кажувале само СПЦ и бачкиот епископ. Изненаден сум од тоа што го изговорил башкиот владика Иринеј. Ако тој нешто додал во обраќањето, нека му служи на чест. Неколкупати тој во својата СПЦ преведувал дописи од други цркви како што нему му одговарало. Надвор од умот е да се кажува дека сме нехристијанска организација и парацрква- го пренесува коментарот на владиката Дебарско – кичевски и портпарол на МПЦ г. Тимотеј, весникот „Дневник“

OhridNews
извор:„Дневник“