Светски познати готвачи и шефови на кујни се дел од четвртото издание на Интернационалниот гастрономски натпревар – „Гастро Мак”, кој деновиве се одржува во Охрид.

Во рамки на предвидената програма, вчеравечер, дел од кулинарските активности и презентации ги проследи Претседателот на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска, која истакна дека натпреварот „Гастро Мак”, Охрид го претворил во светски центар на кулинарството, каде што своите готвачки способности и потенцијали ги одмеруваат реномирани светски готвачи и шефови на кујни.

Нашиот туристички центар има широка понуда на угостителски објекти, кои од година во година започнуваат да ги следат новите трендови и започнуваат да се идентификуваат со уникатни специјалитети и сопствен печат во подготвувањето и сервирањето на храната. Сметам дека овој настан е од големо значење за современ развој на угостителството и за промоција на Охрид како туристички центар. Овој настан ќе придонесе за промоција на кулинарските потенцијали на овој регион, понудени на модерен начин во согласност со светските угостителски стандарди, рече Ангелоска.

На овогодинешното издание на „Гастро Мак“ учествуваат над 300 учесници, над 90 лиценцирани судии од Светската асоцијација на здруженијата на шефови на кујни, гастрономски амбасадори и почесни гости од 30 светски земји. Овој континентален гастрономски настан е во организација на Националната асоцијација на готвачи и шефови на кујни од Рeпублика Северна Македонија поддржана од Министерството за култура и Општина Охрид.

OhridNews