Се одлучив да напишам неколку редови на темата што г-ѓата Чакаревска веќе ја започнала-а гледам дека истата полека предизвикува “лавина“ на коментари. Можам да кажам дека се согласувам со многу малку ставови од нејзината колумна-додека во репликата на Никола(од Канада) се “пронајдов себеси“ во многу од ситуациите што тој ги наведе. Да  прецизирам поконкретно: заминав за САД на 17 години(завршив факултет и пост-дипломски и потоа останав да работам таму). Не бев меѓу “нашите“ во Њу Џерзи или Чикаго, туку во Северна Каролина каде што бев единствениот балканец доооолго време. Секој можен одмор го користев да дојдам и да се видам со моите во Охрид. Со секој празник(религиозен или државен) се повеќе ја чувствував таа далечина која буквално ме тераше да променам многу од моите ставови и принципи па на крајот од краиштата да ги “засакам дури и 4-тите братучеди“ како што напомена Никола. Можеби таа носталгија и далечина ме натераа да станам многу потолерантен и помек во однос на другите. Но можам да кажам дека едно нешто таа далечина не промени во мене – а тоа е патриотизмот. Само заради тоа што бев далеку од Македонија не значеше дека сум “помал“ патриот од г-ѓата Чакаревска. Само заради тоа што сопругот на г-ѓата Чакаревска е невработен не треба да се фрлаат дрвја и камења по тие што се вработени во некоја странска земја (ни работните места во странство не “растат“ по дрвјата – а ние, странците, сме сепак во подредена положба во однос на конкурентните американци, канаѓани, итн.) Јас не го негирам фактот дека во Македонија климата за вработување е понеповолна од тие во САД или Канада-но Македонците што работат во странство се откажале од еден исто значаен факт, а тоа е близината на татковината.А не треба да им се земе за зло тоа што се снашле и си обезбедиле работни места во тие странски земји, туку можеби треба да сме горди што тие, Македонците, успеале меѓу странците. После скоро 14 години поминати во странство, пред 5 месеци (од неколку причини меѓу кои беше и починувањето на татко ми) одлучив да се вратам во Македонија. После скоро 11 години работење во американскиот систем пред 5 месеци одлучив да се приклучам во “редицата“ на невработените на РМ. Би сакал сега да ја прашам ценетата колумнистка: “Дали сега, бидејќи сум тука, јас повеќе ја сакам Македонија (во споредба со тоа “колку“ ја сакав пред, да речеме, година дена)?“ Одговорот јас ќе го дадам – а тоа е НЕ. Само заради тоа што ја променив географската средина не ме прави поголем патриот од тоа што сум бил пред тоа. Ако веќе ги спомнуваме иселеничките заедници на нашите соседи – тогаш кажете зошто повеќето од грчките “гастербајтери“ се враќаат во родните места кога ќе дојде време да се пензионираат (обично помеѓу нивната 55та и 60та година)? Затоа што се чувствуваат добредојдени од нивните сонародници и никогаш не биле отфрлени како “географски не-патриоти“! Затоа тие одбираат да се пензионираат предвреме (тоа го дознав од разговори со нив) за да можат да им се придружат на своите пријатели.

Г-ѓо Чакаревска, во овој мој, краток период на (во отсуство на подобар збор) адаптација во Македонија наидов на огромна поддршка од сите мои пријатели и роднини (а и од новите пријатели што секојдневно ги стекнувам). Не се чувствувам отфрлено, а единствено Вашата колумна ме натера да помислам дека можно е (доколку се форсираат Вашите ставови на “изолација“) да дојдеме до таа фаза на отфрлање на се што не е македонско(или поточно,се што не е на тлото на Македонија).

Како што споменав погоре, верувам во толеранција и соживот, и заради тоа го почитувам и Вашето мислење. Вие имате право на свој став, без разлика колку е тој различен или спротивен од мојот или пак на околината. Но, исто така, би Ве замолил да ја прочитате уште еднаш репликата на Никола во која тој многу добро ги опишува “нештата“ од кои Македонците во странство се откажуваат за да им овозможат егзистенција на своите семејства. Јас ги следам Вашите колумни и гледам дека ЦВРСТО стоите до Вашите принципи (и многу пати се согласувам со Вас). Но ако не сте поминале еден подолг период без своите најблиски во земја што не наликува на Вашата – тогаш немојте да ги стереотипизирате сите Македонци со карактеристиките на неколку од нив (што Ви оставиле лош впечаток во средбите со Вас). На крајот на краиштата – и тие (а и нивните поколенија) се Македонци ако се чувствуваат како Македонци.

Милан