Трите лица од обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши кои утрово имаат сообраќајна несреќа на автопатот во изградба Охрид – Кичево кај Ново Село, Дебрца се во добра здравствена состојба.

Веднаш отидовме во болница и ги видовме. Има тројца припадници од безбедносните сили кои се дел од обезбедувањето. Се прават сите снимки и анализи. Од докторот и директорот на болницата сме информирани дека нема некоја потешка повреда, но ќе бидат задржани вечерва, да не се случи нешто во меѓувреме. Според сите информации се е во ред, сите тројца се добри, контактибилни. Ова е уште една порака до сите кои работат на патот Охрид-Кичево дека треба да се работи уште побрзо и поквалитетно, зошто никој не  е имун на вакви несреќи. Посакувам на никого да не му се случи, вели Гаши.

На 06.12.2024 во 10.45 часот во СВР Охрид е пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново Село, општина Дебрца, излетало од патот патничко моторно возило „сеат алтеа“, сопственост на Министерството за внатрешни работи, управувано од 37 годишно лице, во кое сопатници биле две лица, сите полициски службеници, информира портпаролот на СР Охрид, Стефан Димоски.

По укажаната помош на местото на настанот од екипа од Итната медицинска помош, тие се пренесени во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. По наредба на Јавен обвинител, увид на местото на несреќата извршија полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, посочува Димоски.

Инаку, претседателот на Собранието Гаши денес е во посета на Охрид.

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска