Интерпелацијата е демократско право пропишано, дозволено и предвидено со Устав, Закон и Деловник. Секој пратеник, пратеничка група може да покрене постапка за интерпелација, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши од Охрид одговарајќи на новинарско прашање за интерпелацијата поднесена од ДУИ за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ.

Една таква имаше за мене, ја реализиравме дебатата, интерепалциајта. Сега има друга партија поднесено за други функционери. Тоа е дел од демократијата, дел од отчетноста ги избираме во Собранието треба да даваат отченост. Мислам дека тоа е во рамки на демократичност и така треба да биде, рече Гаши.

Во однос на барањата на СДСМ за лидерска средба поврзана со безбедносната состојба во државата, Гаши рече дека не се чувствува компетентен да одговори во својство на претседател на Собранието и дека не е лидер на политичка партија.

Мене ми се битни пратениците, Собранието и јас се обидувам да се апстрахирам објективно и колку што можам од политичка припадност, сакам да бидам близок со сите. Ако лидерите мислат дека е тоа добро, тие ќе си одлучат дали ќе има средба или не, зависи од нив. Мислам дека дијалогот е добар, треба да се среќаваме, треба да се гледаме, да разговарме, дека е тоа добро и за политичките партии и воопшто за политичката култура во државата, истакна Гаши.

Во поглед на безбедносната состојба во државата кажа дека има служби кои можат да дадат оценка, но ги посочи обидите во последно време за вештачко кревање на тензии.

Мислам дека сите политички партии кои се обидуваат да прават политичка кариера од меѓуетнички тензии не му посакуваат добро ниту на својот народ, ниту на својата држава. Затоа апелирам да не си играме во тој дел, имаме милион други работи во политиката, имаме интерпелации. Сите демократски алатки треба да се користат кои ги има опозициајта. Ама да се прават тензии непотребни, мислам дека не е добро, ниту за државата, ниту за граѓаните, а ниту за меѓуетничките односи, додаде Гаши.

Н.С.Ј.