Колекција предмети за облекување кои Мадона ги носела за време на својата музичка и филмска кариера, но и приватно, продадена е на аукција за 3,2 милиони долари. Најголем интерес предизвикала јакната од филмот „Очајнички барајќи ја Сузан“, која достигнала цена од 252 илјади долари, додека сукњата од музичкиот спот за песната “Material Girl” отишла за повеќе од 73 илјади долари. Венчаницата која кралицата на попот ја носела кога се омажила за актерот Шон Пен во 1985 година продадена е за повеќе од 81 илјада долари, а еден од фустаните од нејзината турнеја “Who”s That Girl” за 50 илјади долари.
На дводневната аукција во Калифорнија, биле понудени и лични предмети на други музички ѕвезди, како што се Мајкл Џексон, Шер, Џон Ленон, Џејмс Браун и Елвис Присли. Така прстен на кралот на рокенролот достигнал цена од 57 илјади долари, црвената наметка на кумот на соулот за 42 илјади долари, додека очилата на Ленон за 25 илјади долари. Се лицитирало и за гитарите на Принц и Стивен Стилс кои ја надминале сумата од 40 илјади долари.