Кошаркарите на АВ Охрид со триумф над Карпош Соколи 99-90 (28-25, 28-19, 24-24, 19-22) го освоија шестото место и го потврдија учеството во Супер лигата. „Галебите“ комплетно ја оправдаа фаворитската улога и покрај заморот од преголемиот број на натпревари одиграа квалитетен натпревар.
Клучната разлика охридските кошаркари до победата ја направија во втората четвртина која ја добија со девет поени (28-19). Во воведните десет минути домаќините парираа и охриѓани ја добија со тесни 28-25.
Третиот период помина во егал и разликата од 12 поени остана на семафорот. Избраниците на Петар Чочороски во последниот квартал се опуштија, а домашните кошаркари успеаја да го ублажат поразот (99-90).
Во охридскиот состав двоцифрен учинок зад своето име запишаа Зимиќ (30 поени), Хенри (21п), Глигоријевиќ (15п), Рос Кенет (13п) и Лефковски (11п). Епитот најефикасен на мечот му припадна на Спенс од Карпош Соколи кој уфрли 35 кошеви.
Охридските кошаркари мечевите во Супер лигата ќе ги започнат со Работнички на домашен терен в недела во 17 часот. Покрај овие две екипи во суперлигашкото друштво се наоѓаат МЗТ Скопје, Блокотехна, Куманово и Гостивар.
OhridNews