Кошаркарите на АВ Охрид втор пат во краток временски период не по своја вина ќе паузираат и нема да истрчаат на паркетот да се судрат со своите противници.
Првиот пат популарните „галеби“ останаа без противник во регионалната Втора АБА лига, откако Босна Ројал поради финансиски причини не допатува во Охрид. Викендов, охридските „сино бели“ ќе го прескокнат дуелот со МЗТ Скопје во рамките од 10-та рунда во Првата лига. „Штрковите“ своите обврски во АБА лигата против белградски Партизан ќе ги одработат во сабота и затоа дуелот со АВ Охрид во Првата лига е одложен и закажан за 25 декември.
На две кола од крајот на есенската полусезона охриѓани со скор 4-5 се наоѓаат на средината од табелата со изгледни шанси за пласман во плејофот.
Во 10-та рунда ќе се одиграат мечевите Фени Индустри – Шкупи, Карпош Соколи – Работнички, Куманово – Блокотехна, Струмица – Гостивар, Кожув – Пелистер, МЗТ Скопје – АВ Охрид.
OhridNews