Кошаркарите на Куманово ја забележаа осмата победа сезонава во Првата лига, откако на домашен терен во рамките од 14-та рунда со 77-69 (15-12, 28-15, 17-19, 17-23) го совладаа составот на АВ Охрид.

„Галебите“ одиграа солидна прва четвртина и катастрофална втора во која дозволија многу лесни поени надополнати со без број технички грешки во нападот. Разликата од три после десет минути игра, на полувреме изнесуваше 16 кошеви.

Резултатски кошаркарите на АВ Охрид играта ја стабилизираа во третата четвртина. „Галебите“ ги сведоа грешките на минимум во напад, а одбраната почна да функционира. Со таков развој на настаните охриѓани намалија два поени.

На половина од четвртата четвртина охридските кошаркари со 13-0 серија внесоа голема доза на неизвесност и најавија борба за бодовите. Кумановчани во финишот со неколку кошеви во серија ја вратија двоцифрената предност и не дозволија неизвесна завршница.

Најпрецизен во составот на Куманово беше Филип Думиќ со 16 кошеви, а два помалку реализираше Бранислав Ѓекиќ. Во тимот на АВ Охрид вкупно 19 поени постигна Стефан Младеновиќ, Давид Миладиновиќ застана на 12, а Лука Милојевиќ уфрли 11.

Во следната 15-та рунда АВ Охрид е слободен, а Куманово гостува кај актуелниот шампион Работнички.

OhridNews