Оваа сезона може да добие пред знак историска за кошаркарскиот клуб АВ Охрид. На „галебите“ во последната 22-та рунда неопходна им е победа против тимот на Карпош Соколи за осигурување на местото помеѓу кремот на македонската кошарка.

Охриѓани брзо ќе го заборават денешниот пораз од МЗТ Скопје 91-63, бидејќи излегоа како победници од неверојатно сценарио, во кој беа уште Фени Индустри и Кожув. Двата ривали на охридските кошаркари претрпеа порази од Шкупи односно Пелистер и заостанаа еден чекор од трката за шестата позиција на табелата.

Сепак, да биде целото сценарио со среќен крај, треба избраниците на Петар Чочороски да го совладаат Карпош Соколи во мечот од 22-та рунда и да им се придружат на Работнички, МЗТ Скопје, Блокотехна, Гостивар и Куманово во разигрувањето за титулата.

Ваквиот развој на настаните во финишот од регуларниот дел од сезоната во Првата лига е награда за охридските кошаркари, кои, во ниту еден момент не се откажаа од зацртаните цели пред стартот на шампионат.

Свој голем удел во далеку подобрите резултати сезонава, од минатата кога охриѓани беа дебитанти во ова друштво имаат мечевите во Втората АБА лига кои се искористија за акумулирање на искуство.

Мх.П.