Кошаркарскиот клуб АВ Охрид со повреди на три клучни играчи во ротацијата го плати данокот на петте натпревари во десет дена во Втората АБА лига и македонскиот шампионат. Поради скршеница на левата рака капитенот на АВ Охрид, Антонио Донески ќе паузира најмалку месец дена, слична повреда има и Бранко Јанески, додека проблем со коленото има Војче Лефковски кој го пропушти мечот со Гостивар.
– Во незгоден момент ни се повредија три играчи кои ни се важни во ротацијата. Дуелот со Крка ќе го дочекаме резултатски растеретено, додека во фокусот ќе ни бидат натпреварите со Работнички и МЗТ Скопје во Првата лига. Мора сите да стегнат заби и да одиграат најдобро што знаат, бидејќи немаме право на грешки. – изјави охридскиот стратег Петар Чочороски.
Интензитетот на натпревари нема да се намали за охридскиот состав. „Галебите“ утре (среда) ќе го пречекаат тимот на Крка во АБА лигата, додека мечевите со Работнички односно МЗТ Скопје на домашен терен во рамките од Првата лига ќе ги одиграат во петок (18ч) односно недала (17ч).
Мх.П.