Кошаркарите на АВ Охрид со пораз во Кавадарци од тимот на Фени Индустри (85-63) ги завршија мечевите за оваа сезона во плејаутот од Првата лига.

„Галебите“ рамноправен ривал беа три четвртини, а домаќините исчекорот кон победата го направија во последниот и решавачки квартал. Охриѓани ги загубија првата и втората четвртина, но ја добија третата и се вратија во игра. Концетрацијата попушти и заморот поради краткиот ростер ги стигна кошаркарите на АВ Охрид кои потклекнаа во завршните десет минути.

Најпрецизен во тимот на Фени Индустри беше Петар Коцев со 27 кошеви, а во охридскиот состав расположени за игра беа Андреј Атанасов и Габриел Коскоски кои искомбинираа 32 поени.

АВ Охрид во плејаутот заврши на 10-та позиција и избори опстанок во елитата што и беше првична цел со новиот концепт кој започна оваа сезона. „Галебите“ одат на заслужен одмор, а на програмата ќе се вратат во август месец со почетокот на подготовките.

OhridNews