Македонската православна црква – МПЦ, нема потреба да го менува ставот во врска со Законот за верските заедници, изјави во Охрид портпаролот на МПЦ митрополитот Дебарско – кичевски, господин Тимотеј.
Тој одговарајќи на прашање на ohridnews во врска со пораката на генералниот секретар на НАТО, Јаап де Хоп Шефер дека еден од условите за приближување на земјата кон ЕУ и НАТО се и верските слободи, рече дека законите во Македонија се носат пред се за граѓаните, а не за НАТО, САД и Европа.
„Нашите експерти најдобро знаат какви закони ни требаат, а ние како МПЦ веруваме дека ќе се донесе закон кој што ќе биде од полза за македонскиот православен народ и за црквата и нема причина да се сомневаме дека нашите државни институции ќе донесат закон кој ќе биде на штета на верските заедници во земјата,“ изјави г. Тимотеј.
Според Тимотеј МПЦ, Католичката црква и ИВЗ се едногласни дека не е потребна либерализација во верското делување на што, како што рече можеби инсистираат ситни протестантски групации кои ловат во матно..
„Ако тој закон одговара на сите верски заедници, зошто сега треба некој да ни кажува што да правиме“, додаде г. Тимотеј.
Г. Момироски