Иако поминаа повеќе од две илјадалетија од овој Божествен настан, нештата во светот не се променети. Така е зашто човечките добродетели, но и човечките слабости, остануваат исти во секоја епоха, а слободата е неотповиклив дар Божји за човекот. И денес гледаме страшни поделби во светот. Изгледа како омразата да царува, а љубовта да згаснува. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено, истакна во Божиќното послание Поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата. Православието никогаш не доживеало толкава подвоеност и внатрешно неединство. За жал, поделбите на различни основи не ја одминуваат ниту нашата македонска земја. А духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сѐ што е наше – македонско. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера. Само така ќе го исполниме Христовиот повик од Гетсиманија: да бидат сите едно. Вакво обединување е можно само со Христа и во Христа, Кој единствен го помири небесното со земното, рече г.г. Стефан.
Токму во името на мирот и на добрата волја, додаде тој, во средината на 2022 година се збидна и прифаќањето во канонско единство и признавањето на автокефалниот статус на нашата Света Црква, со што таа повторно беше вброена помеѓу помесните Православни Цркви.
Таа подадена рака во името на љубовта, даде можност да се надмине повеќегодишната поделба на православните христијани во нашата Македонска Црква, да си простиме и меѓусебно да се измириме, та, еве, сега повторно заедно да му се радуваме на овогодишниов Божик.Па, само луѓе и народи во кои и помеѓу кои е присутен Христовиот мир, имаат добра волја, и го бранат и го чуваат мирот и со Бога, и во себе и со сите околу себе! – истакна Архиепископот Атефан.
Да се радуваме со непоминливата радост од таа Витлеемска ноќ, со радоста на ангелите, со радоста на пастирите, со радоста на мудреците, да се радуваме со сите коишто во изминативе дваесет столетија се радуваа на тој спасоносен и неповторлив настан, повика г.г. Стефан во Божиќното послание до верниците.
Г.М.