Да ја чуваме црквата, единството и мирот како што тоа го правеле нашите свети, порача Архиепископот Охридски и Македонски Г.Г. Стефан во поздравното обраќање на Јубилејно заседание на највисокото црковно-управно и законодавно тело на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископскиот црковно-народен собор, што се одржува викендов во хотелот Изгрев кај Струга.

Да го чуваме тој вековен пат и да се браниме од искушенијата на кои наидуваме, секогаш имајќи го пред себе прашањето: Како би постапил сега и свети Климент, како би постапиле сега сите наши достојни претшественици, како би постапил сега и блаженоупокоениот Доситеј, како би постапиле сите тие кога би имале слични на нашиве сегашни проблеми и искушенија? Но верувам дека од сите нив би го добиле советот: чувајте ја Црквата, чувајте го единството, трудете се да живеете со мир меѓу себе и во мир со сите, чувајте се што е  наше Македонско… Токму и овој, како и сите Собори, ја има таа цел: да го покаже и потврди нашето единство, каде што го нема, ако го нема – да го врати мирот и да ја посведочи на дело љубовта што треба да ги краси сите вистински Христови последователи и чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. – рече Архиепископот Стефан.

Во обраќањето пред делегатите на Соборот на свечениот дел од седницата, поглаварот на МПЦ се осврна на неединството во православниот свет и отворениот внатре црковен судир.

-Секогаш кога земното е пред небесното, кога љубовта и грижата за своето се потпира на штета, па дури и врз омраза кон другите, доведува до расправии и несогледливи последици по единството на Црквата. Очигледно е дека Православието никогаш не било во поголеми од овие искушенија. – истакна Г.Г. Стефан.

Во работниот дел од Соборот, кој се одвива зад затворени врати, ќе се разгледуваат неколку измени во Уставот на МПЦ-ОА од административен карактер, разграничување на границите и бројот на епархиите и други прашања од животот на црквата која, како што се најавува ќе заземе ставови по одредени прашања од внатрешен и надворешен карактер.

Соборот е составен од делегати од сите епархии на МПЦ-ОА, а во него членуваат и лица од клирот, монаштвото, теолошките образовни установи и претставници на верниците од секоја епархија, вклучително и дијаспората.

Oваа година МПЦ одбележува неколку значајни јубилеји, 60 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, 1000 години од нејзиното формирање, 75 години од Свештенското заседание во охридското село Издеглавје и 1155 години од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј.

Соборот завршува утре со богослужба во катедралниот храм Св. Софија во Охрид.

Г.М.