Фондот за здравство ги обнови договорите со матичните лекари и гинеколози, најави воведување на  електронски лекарски рецепт и обврска на лекарите да обезбедат ампуларна терапија, а контролата во здравствените установи  ќе се врши еднаш годишно. Ова се дел од новините за кои информираше денеска директорката на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејкова, по завршените преговори со Лекарската комора.

Новите договори меѓу матичните лекари и гинеколозите и ФЗОМ ќе се обноват на 1- ви април. Со договорот, меѓудругото, задолжителната ампуларна терапија избраниот лекар мора да ја поседува и аплицира во целост без да бара осигуреникот да ја набави со сопствени средства.

Воведувањето на електронските лекарски рецепти, кое ќе стартува од 1.јули годинава, претставува обврска матичните лекари да ги печатат лекарските рецепти по што пациентот оди во аптека и го подигнува лекот.

„Следниот чекор е електронско поврзување меѓу матичните лекари и аптеките и обврската на самиот пациент само да се појави во аптеката и да го подигне лекот, а тоа  е нешто што ќе се случи во наредниот период“, информираше Парнаџиева – Змејкова. Новина е и измената во вршењето на задолжителните контроли на матичните лекари кои досега се вршеа квартално, а отсега како што кажа директорката на Фондот, ќе се вршат еднаш годишно при што ќе бидат опфатени сите претходни квартали.

Што се однесува до боледувањата на лекарите за оправдани отсуства од работа на лекар поради боледувања над 21 ден, породилно отсуство, специјализација и други случаи, ПЗУ е должно во рок од 35 дена да вработи лекар како замена. По истекот од 35-те дена ФЗОМ го затвора факсимилот и не исплатува капитација, но еднострано не го раскинува договорот со ПЗУ најмногу до 60 дена од настанување на случајот.

OhridNews
извор: Makfaks