Фустанот, којшто повеќекратната добитничка на „Греми“, Ејми Вајнхаус го носеше на нејзиниот последен настап, беше продаден на аукција за 243.200 долари – 16 пати повеќе од првично проценетата вредност.

Вајнхаус го носеше зелено-црниот фустан со бамбусови мотиви, на својот концерт во Белград во јуни 2011 година. Еден месец подоцна, на 23 јули, таа почина од труење со алкохол, на само 27 години. Нејзината смрт беше кулминација на долгата (и, прилично јавна) борба против алкохолот и дрогата.

Фустанот беше еден од највредните предмети на ѕвездата, продадени од родителите на Вајнхаус – Мич и Џенис во Калифорнија. Целата колекција заработи вкупно 4 милиони долари – двојно повеќе од првичната процена на аукциската куќа „Џулиен’с“ што го спроведе наддавањето.

Се разбира, има обожаватели, музеи и колекционери ширум светот кои ќе сакаат да поседуваат некои од овие предмети, да се грижат за нив, да ги изложуваат, да го одржуваат нејзиното наследство и паметење живо и, во истовреме, да соберат пари за фондацијата именувана по неа, изјави Мартин Нолан од аукциската куќа.

Приходите ќе бидат наменети за Фондацијата „Ејми Вајнхаус“, која им помага на ранливи млади луѓе кои се борат со зависност.

OhridNews