Ракометарите на Охрид со триумф ги заокружија натпреварите во подготвителниот период. „Гладијаторите“ во генералната проба со 27-20 (13-11) ја совладаа Струга во популарното „Езерско“ дерби.
До петтиот триумф во деветтиот меч во рамките од подготовките охридските ракометари стигнаа во завршните 15-тина минута. До тогаш Струга беше добар ривал и му пружи повеќе од солиден отпор на охридскиот состав.
Во првите неколку напади двете екипи ја погодуваа мрежата. Охриѓани ја стегнаа играта во одбрана и со мини серија од 3-0 се одлепија на 5-2. Стружани не се откажаа и со стрплива игра дојдоа до егал 8-8. „Сино белите“ брзо се консолидираа и до крајот на полувреме обезбедија плус 2 (13-11).
Екипата на Струга второто полувреме го отвори со 3-0 серија за водство 14-13. Потоа се играше гол за гол и гостите ја чуваа предноста. „Гладијаторите“ во завршните 15-тина минута го покажаа вистинското лице и заиграа како што знаат и умеат. Одбраната беше на ниво, а нападот постигнуваше лесни голови. Охрид прво се одлепи на 23-19, а таа предност ја капитализираше со победа 27-20.
Најефикаен со пет голови во составот на Охрид беше Бобан Блажески, а по четири погодоци реализираа Андоновски, Тасески и Ристески. Кај стружани најпрецизен беше Николиќ со шест погодоци.
Новата сезона во македонската Супер лига стартува на 11 септември. Охрид во првата рунда гостува кај ГолденАрт КЛ7.
OhridNews