Нерешените билатерални прашања претставуваат еден од главните предизвици во процесот на проширување и на тоа во иднина се повеќе ќе му се посветува внимание, изјави вчера во Стразбур европскиот комесар за проширување Штефан Фуле, пренесува „Макфакс“.
„Не сакаме да увезуваме билатерални прашања во Европската унија и не сакаме билатерални ’мини’ да експлодираат во средина на пристапниот процес, што може да го сопре или да го исфрли процесот од колосекот“, изјавил во својот говор еврокомесарот за проширување на ЕУ, Штефан Фуле во неговиот говор во Советот на Европа во Стразбур, пренесува Хина.
Фуле истакнал дека таквиот став го повлекува прашањето како да се постапува со билатералните прашања, меѓу кои секако е и нерешениот спор за уставното име на Република Македонија, меѓу Скопје и Атина, што Грција го користи како главен аргумент за кочењето на македонските интегративни процеси во Европската унија и во НАТО.
„Некои прашања можат да се решат меѓу страните на кои се однесуваат, други можат да се решат со помош на Европската унија, а како што тоа го покажаа Хрватска и Словенија, арбитражата може да помогне Во крајна линија, го имаме Меѓународниот суд на правдата во Хаг“, изјавил Фуле.
Меѓутоа, не јасно е дали тоа би се однесувало и на пресудата од декември 2011 година, на Меѓународниот суд на правдата во Хаг со која беше утврдено дека Грција ја прекршила Привремената спогодба до 1995 година со тоа што ставила вето на членството на Македонија во НАТО, но одби да и‘ наложи на Атина во иднина да се придржува до своите обврски преземени со спогодбата.
Фуле во четвртокот рекол и дека прашањето на билатералните односи е признато како еден од главните елементи на добрососедските односи, на што ЕУ „сé повеќе ќе се реферира“, колку повеќе се оди во процесот на пристапување.
„Важно е да се започне да се решаваат тие прашања, за да не се кочи пристапниот процес“, изјавил Фуле.
Начелниот став дека билатералните прашања не смеат да го попречуваат процесот на проширување на ЕУ, сепак, малку значи во практиката, имајќи предвид дека за секој чекор кон асоцирањето кон Унијата е потребен консензус од сите земји членки, што значи дека која и да е од нив може да го злоупотреби правото на вето за да се избори за подобар исход во некој спор со соседната земја којашто сака да пристапи на Европската унија.
извор:„Макфакс“