Иако министрите за надворешни работи на Европската Унија не одредија датум за старт на пристапните преговори со Македонија, сепак еврокомесарот за проширување Штефан Фуле ги оцени како позитивни заклучоците за земјава.

Како што пренесува „Макфакс“, на прес-конференцијата по завршувањето на Советот за општи работи, Фуле оценил дека со постигнатите заклучоци за Македонија се отвара можноста за старт на пристапните преговори во летото 2013 година. Но, дотогаш, се бара одржување на темпото на реформи, одржување на добрососедските односи, вклучувајќи го надминувањето на спорот со името.

„Особено ги поздравувам позитивните одлуки на Советот. Ова е особен пробив во односите меѓу Европската Унија и поранешната југословенска Република Македонија и не помрднува од статичкиот јазик од последните четири години. Советот ја препозна напорната работа и содржинскиот напредок во реформите што е направен во текот на годината во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво. Нивото на разговори на Советот и нивото на посветеност со поранешната југословенска Република Македонија го покажува вистинскиот интерес што земјите-членки го имаат за напредок на земјата на европскиот пат. Заклучоците поставија многу реална перспектива за отворање на Пристапните преговори во многу блиска иднина. Гледајќи напред, Комисијата ќе почне да работи на извештајот што Советот побара од нас да го подготвиме. Важно е, во оваа смисла, да се задржи моментумот во сите области за да земјата го задржи целосниот потенцијал и за да пристапните преговори можат да бидат отворени во летото 2013 година. Дозволете ми да повлечам дека се надевам дека овој амбициозен јазик на ЕУ ќе биде сфатен како можност да се изнајде взаемно прифатливо решение за прашањето за името и да се затвори ова поглавје што е отворено предолго”, изјави Фуле доцна во вторникот.

„Повикувам овие заклучоци да бидат прочитани повторно. Тие прават доста јасна рамка ако поранешната југословенска Република Македонија даде резултати во продолжувањето на реформите, во однос на добрососедските односи, вклучувајќи го прашањето за името, има многу добра перспектива и јазик да се достигне тоа и базирано на оценките на нашиот извештај, Советот всушност да усвои одлука за отворање на пристапните преговори за време на следното претседателство”, рече еврокомесарот.

Смета дека со ова Македонците, како што рече, добиле многу.

„Јас не треба да сум загрижен дека не сум добил ништо или многу. Мислам дека оние што добија многу се сите луѓе, сите Македонци и сите народи што живеат во регионот, бидејќи за прв пат е употребен нестатички јазик што создава услови за нестатичко решение на ова прашање”, рече Фуле.

Прашан за односите со Бугарија, Фуле не очекува дополнителни затегнувања на односите меѓу Скопје и Софија, напоменувајќи ја последната комуникација меѓу Министрите за надворешни работи меѓу двете земји.

Во однос на спорот со името, Фуле посочи на ангажманот на посредникот во спорот со името Метју Нимиц, искажувајќи очекување дека залучоците на Советот ќе му бидат од корист во неговата работи и ќе има придвижување во спорот. Оцени дека имало добри реакции од македонска страна во однос на предлог-Меморандумот од Грција и очекува продолжение на комуникацијата меѓу двете земји.

„Отворањето на можноста за пристапните преговори да започнат во текот на следното претседателство, мислам дека јасно ја покажуваат посветеноста на Грција на проширувањето, на добрососедските односи и, исто така, на изнаоѓањето на взаемно прифатливо решение на прашањето со името“, изјави Фуле.

OhridNews
извор:„Макфакс“