Фудбалерите на Манчестер Јунајтед го обоија градот во црвено, откако со 2-0 (1-0) славеа во дербито со Манчестер Сити, во рамките од 28-та рунда во Премиер лигата.
„Црвените ѓаволи“ победата на „Етихад“ ја најавија со погодок во втората минута од натпреварот. Бразилецот Габриел Жесус го собори Ентони Марсијал во казнетиот простор, а ударот од белата точка во гол го претвори Бруно Фернандес. Избраниците на Пеп Гвардиола не се созедоа од шокатниот почеток и во ниту еден момент не успеаја да го загрозат голот на Дин Хендерсон. „Гостите“ во 50-та минута го дуплираа водството, после погодокот на Лук Шо. До крајот резултатот остана непроменет и Манчестер Јунајтед стави точка на победначката серија на Манчестер Сити, која траеше неверојатни 21 натпревар.
Екипата на Фулам ја продлабочи кризата во составот на Ливерпул, победувајќи на „Енфилд“ со минимални 1-0. За „црвените“ ова беше шести пораз во серија на домашен терен, што претставува апсолутен негативен рекорд во историјата на Ливерпул. Одлучувачкиот погодок беше дело на Марио Лемина.
- Резултати:
ВБА – Њукасл 0-0
Ливерпул – Фулам 0-1
Манчестер Сити – Манчестер Јунајтед 0-2
Тотенхем – Кристал Палас (20:15ч)
Табела: Манчестер Сити 65, Манчестер Јунајтед 54, Лестер 53, Челси 47, Евертон 46…
OhridNews