Задоволни сме од напорите за унапредување на политичкиот дијалог што покажува надминување на недовербата која постоеше во минатото, но сепак, сакаме да видиме и враќање на овој дијалог и во Парламентот каде треба да се зборува за сите останати отворени прашања.
Ова денеска во Охрид го изјави евроамбасадорот Ерван Фуере, одговарајќи на новинарско прашање во врска со дијалогот меѓу премиерот Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Потпишувањето на договорот за олеснување на визниот режим со ЕУ, Фуере го оцени како одличен настан кој ќе овозможи визни олеснувања за голем број граѓани од различни категории, со што, како што рече, „ќе се зацврстат врските меѓу Македонија и Унијата“.
Според евроамбасадорот, бенефит од ова ќе имаат и другите граѓани, бидејќи „ова е само прв чекор до крајната цел, а тоа е целосна либерализација на визниот режим“.