Македонија е на добар пат да обезбеди целосна либерализација на визниот режим со Европската унија – ЕУ, изјави во Охрид евроамбасадорот Ерван Фуере кој присуствува на чествувањата по повод Водици.
Преговорите за целосна либерализација на визниот режим ќе започнат во наредните неколку недели и ќе траат подолго време, но она што Македонија го направи со воведувањето на интегрираното гранично обезбедување, биомретриските пасоши и отворањето на визниот центар навистина охрабрува и ја демонстрира решителноста на македонската влада да ги забрза реформите кои земјата ќе ја приближат до ЕУ, истакна Фуере..
Охрабрени сме и од почнувањето на преговорите за визно олеснување помеѓу земјите од Балканот кои верувам ќе резултираат со решавање на некои проблеми каков што е тој помеѓу Македонија и Албанија кој очекуваме да биде надминат со билатерални разговори“, рече Фуере.
Евроамбасадорот и годинава е гостин на Здружението на граѓани „Богојавление“ кое ги организира свеченостите по повод празникот Водици. Тој изрази воодушевување од прекрасната слика околу Охридското Езеро каде чинот на осветување на езерските води го проследија над 10.000 граѓани. Фуере најави дека денеска ќе им се придружи на охридските рибари на традиционалното зимско капење.
Г. Момироски