– Верувам дека со размена на информации и разговори помеѓу владите во Софија и Скопје ова прашање ќе се реши и ќе се надминат проблемите помеѓу двете држави, изјави денеска во Охрид, Ерван Фуере. Тој се сомнева дека зад случајот се крие некаква пропаганда, бидејќи како што рече, „Бугарија како и Грција и другите држави не искажаа никакви забелешки на визната либерализација“.
Одговарајќи на новинарско прашање, евроамбасадотот изрази загриженост во врска со најавите на Демократската партија на Албанците – ДПА за напуштање на Собранието во период кога се подготвува извештајот за напредокот на државата во Европската комисија.
-Ова воопшто не е добар развој, затоа што ДПА, како и сите партии е избрана од граѓаните да им служи во Парламентот, а не надвор. Веруваме дека загриженоста и проблемите на кои укажува ДПА најдобро ќе бидат разрешени во парламентот, а не надвор од него и затоа се надеваме дека раководството и членовите на ДПА нема да ја остварат заканата и партијата ќе остане во парламентот во кој кој е избрана, рече Фуере
Во пресрет на одбележувањето на 8-годишнината од Охридскиот рамковен договор, евроамбасадорот упати порака до владата и сите политички партии да направат се што е во нивна моќ да се осигура максимална имплементација на Охридскиот договор, во чиј дух, смета Фуере, треба са разрешат проблемите со образованието во Струга и со употребата на јазиците на заедниците.