Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што се одржува во Охрид е настан кој ќе одигра битна улога во охрабрување на сите политички лидери да работат во духот на дијалогот и компромисот за да се надминат потешкотиите кои стојат на патот на земјaта кон ЕУ, смета евроамбасадорот Ерван Фуере.

Македонија е извонреден пример за успешен дијалог, а секако најдобар пример за тоа е Охридскиот рамковен договор кој ги седна на маса  завојуваните страни кои  преку преговори ја надминаа кризата и продолжија да чекорат напред во духот на консензус, рече Фуере.

Религиските лидери се добар пример за политичарите како треба да се раговара и верувам дека ќе и помогне на земјата да тргне напред кон остварување на целта а тоа е добивање датум за преговори со ЕУ, додаде Фуере.

Во врска со вооружениот инцидент кај Танушевци каде еден полицаец загина, а двајца беа повредени, Фуере истакна дека ЕУ е загрижена бидејќи се работи за чувствителна област каде таквов инцидент се случи и порано. Фуере рече дека сега се чекаат резултати од истрагата но напомена дека треба да се преземе се сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

Исто така не треба да се потценат ниту економските проблеми во тој регион кој има слаба инфраструктура ни треба да се направи напор да се подобри економската состојба на граѓаните кои живеат во тој регион.

Според него сеуште е рано да се каже дали има некаква поврзаност помеѓу инцидентот кај Танушевци и решавањето на косовското прашање, но во секој случај таквите инциденти не придонесуваат кон мирно изнаоѓање на финално решение за Косово, рече Фуере.

Г.М.