– Апелираме до политичките партии да изнајдат компромисно решение наредните денови, за Македонија да добие позитивна порака од претстојниот Совет на министри на Договорот за стабилизација и асоцијација што ќе се одржи на 27 јули, истакна евроамбасадорот Фуере.
Според него, проблемите можат да се надминат со добра волја и флексибилност посочувајќи при тоа дека претседателот на Парламентот треба да го искористи позитивниот дух во изнаоѓањето компромис.
Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, кој денеска исто така престојува во Охрид, најави дека наредната седмица ќе свика седница на Парламентот со две точки на дневен ред – формирање анкетна комисија и деловник за работата на Законодавниот дом.
– Парламентот има капацитет, чекор по чекор, трпеливо да излези со решение. До крајот на оваа седмица имам намера да свикам седница по двете прашања. Убеден сум дека политичките партии кои се учесници во преговорите за двете прашања, со моја помош ќе изнајдат решение, во интерес на граѓаните на РМ, порача Вељаноски.
Претседателот на Парламенот истакна дека е охрабрен од вчерашните изјави на лидерите на двете најголеми партии, што според него ќе придонесе во напорите да се изнајде решение за двете прашања. Тој е убеден дека пратениците ќе работат во интерес на граѓаните и дека до крајот на идната недела Парламентот ќе испорача комплетно позитивна слика за земјата, што ќе придонесе за позитивен извештај од Советот на министри на ЕУ.