Евроамбасадорот Ерван Фуере утрово бил повикан на средба од страна на претседателот Ѓорге Иванов  поради изоставувањето на терминот „македонски“ во годишниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија, јавува „Макфакс“.

Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, од Фуере побарал објаснување зошто во годишниот извештај не е искористена редовната пракса за употреба на терминот „македонски“ за именување на мнозинскиот народ во земјата и јазикот што се говори.

Нема информации за исходот на средбата.

Ова е втора средба меѓу Иванов и Фуере за кусо време, откако евроамбасадорот синоќа му го претстави извештајот на македонскиот претседател.

Утрово, претставувајќи го извештајот пред јавноста, Фуере директно не го коментираше изоставувањето на терминот „македонски“ во извештајот.

„Овој извештај никогаш не го користи и никогаш нема да ја користи кратенката што ја споменавте. Овој извештај изрично вели дека е работен документ за Поранешната Југословенска Република Македонија. Тоа е временото име. Сите сте со тоа запознаени. Нема никаков обид да се смени политиката до која се држи Европската Унија во однос на ова прашање“, изјави Фуере утрово.

OhridNews
извор:„Макфакс“