Фудбалските ветерани на Бугарија и Македонија на 27 април во Варна ќе одиграат хуманитарен натпревар, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на настраданите во катастрофалниот пожар во Кочани во кој до сега животот го загубија 62 млади лица. За Бугарија ќе настапат фудбалери од ѕвездената генерација која го освои 4-то место на СП во 1994 година во САД, предводена од Христо Стоичков, а голот на Македонија ќе го чува охридската голманска легенда Данчо Целески кој беше дел од сјајната генереција во 1990-те години.
Со залагање на спортистите, фудбалските федерации на двете земји и државите, се организира овој хуманитарен натпревар за настраданите во Кочани, а на иницијатива на Стоичков и Балаков кои беа дел од славната генерација на Бугарија која заврши четврта на мундијалот во Америка. Ние своевремено одигравме два пријателски натпревари против нив. На ветераните од тој период ќе се приклучат и помлади играчи на двете страни. Кај нас, меѓу другите, се очекува да настапат Бошко Ѓуровски, Илија Најдоски, Драги Канатлароски, Љупчо Маркоски, Тони Мицески, Митко Стојкоски, Ѓорѓи Христов, а има најава дека ќе настапи и Горан Пандев, вели во изјава за Охридњуз Данчо Целски.
Слушам дека има доста заинтересираност за хуманитарниот меч во Варна дотолку повеќе што најдобрата бугарска генерација многу ретко настапува заедно, а речиси 90 отсто од тогашните играчи ќе бидат присутни во Варна, додава Целески.
Ќе има што да се види, а ќе има и дружење и богата програма која ќе го збогати настанот. Заедно ќе испратиме порака за солидарност, а сите средства ќе бидат донирани за настраданите во пожарот во Кочани. За жал не можеме да ги вратиме загинатите, но можеме да им помогнеме на преживеаните на кои им е потребна помош, рече Целески.
Од трагедијата во Кочани изминаа 40 дена, но болката се уште е голема. Немилиот настан ја сплоти нацијата, а голема солидарност со Македонија покажаа соседните држави и голем број земји од Европа и светот.
Како да сме навикнати само лошото да не сплотува. Не треба да е така. Треба да не сплотуваат добрите работи, а лошите да ги надминуваме, ако сме сплотени во добро полесно ќе ги поминеме лошите работи. Но, најверојатно културата ни е таква што ние не сме луѓе со таков менталитет коишто се радуваме на добро, истакна Целески.
Поранешниот репрезентативен голман и интернационалец со успешна кариера, кој долги години го носеше дресот на ФК Охрид, жали што фудбалските ветерани на Охрид не се поактивни. А има играчи кои имаа добри кариери и поминаа многу во животот. Такви екипи имаат Победа, Пелистер, Вардар, Работнички… Доволно е да се дружиме од време на време, но во Охрид и тоа тешко оди некако, посочува Целески.
Г.М.