Фудбалскиот бог денеска беше над Шпанија. Во супер неизвесна и интересна завршница, Атлетико Мадрид на крилата на уругвајскиот ас Луис Суарез, со пресврт го совладата Реал Ваљадолид на гости (1:2) и во фото финиш ја освои 11 титула во клупската историја, а противникот го испрати во втората лига.
Атлетико до титулата стигна тешко, но заслужено, затоа што тимот од „Ванда Метрополитано“ беше лидер на табелата во ЛаЛига од почетокот на шампионатот. Сепак комотната предност во еден дел од превенството што ја имаше Атлетико пред главните конкуренти, Реал Мадрид, Барселона и Севиља, се стопи во последните кола.
Од трката најрвин отпадна Севиља, потоа Барселона, а пред последното коло, што се одригра денеска, црвено-белите на Чоло Симеоне имаа само 2 бода предност пред градскиот ривал Реал кој со реми или пораз на Атлетико ќе се радуваше на титула. Но, залуден беше фантастичниот пресврт на Реал во последните минути од мечот со Виљареал за победа од 2:1, затоа што со идентичен резултат, исто така со пресврт, Атлетико славеше на гости кај Ваљадолид.
Оскар Плано обезбеди предност од 1:0 за Ваљадолид на полувреме, Анхел Кореа израмни во 57-та минута, а отпишаната ѕвезда на Барселона Луиз Суарез во 67-та постигна гол вреден титула.
Шампионот Атлетико Мадрид (86), Реал (84), Барселона (79) и Севиља (74) обезбедија пласман во Лигата на шампиони, во Лига Европа се пласираше Реал Сосиедад, додека во Конференциската лига ќе игра Виљареал.
Лигата ја напуштаат Хуеска, Ваљадолид и Еибар.
Г. Момироски