Фудбалската еуфорија го зафати Охрид. Охриѓани оптимистички расположени ќе навиваат за победа на Македонија на вечерашниот натпревар со Потугалија и пласман на Светското првенство.
- Вечерва очекувам дека нашите фудбалери ќе го дадат максимумот и ќе се радуваме на пласман на Светско. Подготвени сме за навивање, пивото се лади.
- Се надеваме на резултат 1-2 за Македонија. Одиме на победа. Се уште незнам каде ќе го гледам натпреварот, ама можно е поддршката да ја дадеме на плоштадот во Охрид.
- Очекуваме победа на нашата репрезентација и пласман на Светското првенство, со нетрпение го очекуваме натпреварот који ќе го гледаме дома со друштво.
- Натпреварот ќе го следиме во поголемо друштво, во спортска атмосфера во некое од охридските кафулиња. Иако не сме фаворити на европската фудбалска сцена, се надевам на голема среќа на нашите фудбалери и пласман на Светското првенство во Катар. – се дел од коментарите на Охриѓани.
Поранешниот фудбалски репрезентативец и спортскиот директор во ГФК Охрид Гоце Толески вели направен е огромен успех со самата победа над Италија. Имаме одлична репрезентација и оптимистички се очекувањата за вечерашниот натпревар, додава тој.
Јас сум секогаш оптимист и во животот и во фудбалот, работата се уште не е завршена, ќе биде тежок натпревар, бидејќи една од најаките репрезентации во светотот е репрезентацијата на Португалија. Имаме одлична репрезентација, одличен спој на генерација, можеби и најдобриот среден ред во Европа со Адеми, Барди, Елмас, Николов. Мислам дека добро ќе парираме и мислам дека дури и подобро ќе одиграме на вечерашниот натпревар. Момците ги пратам нон стоп, се гледа дека се мотивирани максимално. Ќе навивам за победа, можеби малку оптимистички, навивачки, ама се надевам на победа и пласман на Светското, што би бил најголем спортски успех во историјата на македонскиот спорт. Нека биде резулатот 1-0 за нас, вели Гоце Толески.
OhridNews го „измери“ пулсот и на познати градски ликови, вљубеници во спортот. Владее победничка атмосфера, а прогнозите плус минус слични на резултататот од натпреварот со Италија и нескриен оптимизам за пласман на Светското првенство.
- Сите очекуваме вечер да се направи една историска работа, односно да победиме со Португалија и со тоа да одиме на светското првенство во Катар. Секогаш кога игра Македонија натпреварите ги следам во домашна атмосфера, вели Никола Митровиќ Бабе, директор на Државниот архив во Охрид.
- Кога станува збор за Македонија секогаш очекувањата ми се дека треба да се оди на победа така што тоа важи и за вечерашниот натпревар. Јас не сум некој фан на фудбалот но кога станува збор за национален дрес и тоа како сум страствен навивач без разлика на спортот. Македонија треба да издржи првите 30 минути и ако е така прогнозирам дека ќе е ист резултат како и на натпреварот со Италија. Инаку натпреварот ќе го гледам дома со моите деца и сопругата. Напред Македонија!!!, вели Иван Цветкоски, директор на атлетската манифестација „Охрид трчаТ“.
- Очекувам победа на нашата репрезентација, натпреварот ќе го гледаме дома со друштво, вели Горан Устијаноски, раководител на Капетанија на пристаништа.
- Како голем фан на фудбалот и пред се како Mакедонец очекувам победа на нашата репрезентација., Конкретно 1-1 на голови и победа на пенали. Поради работни обврски нема да сум во можност во Охрид да го следам натпреварот, но ќе го гледам во Скопје, вели Филип Ангеличин Жура, иnспициент во Народниот театар во Охрид.
- Мислам дека цела држава, цела нација дише со нашите момци. Докажавме дека можеме да играме буквално со секого. Искрено верувам дека ќе го добиеме вечерашниот натпревар и мислам дека овие момци ќе остават една голема трага во светскиот фудбал што ќе се памети со години и сигурен сум дека одиме на Светското првенство. Го прогнозирам истиот резултат како со Италија 0-1 за Македонија. ќе навиваме на градскиот плоштад, вели Мартин Дојчин, водaч на навивачката група „Рибари“.
- Се надеваме дека ќе победиме, дека пак ќе славиме. Имаме доста најави за заедничко гледање на натпреварот. Се надевам дека ќе одиме на Светско. Нека биде резулатот 0-1 за Македонија како и на минатиот натпревар, вели Крсте Данилов сопственик на кафе бар „Шила“.
- Очекуваме дека ќе победиме со резултат 1-2 за Македонија. Се е резервирано уште пред 3-4 дена за заедничко следење на натпреварот и навивање. Со Италија убаво поминавме се надеваме дека вечер ќе биде уште поубава навивачката атмосфера, вели Марко Богданоски, сопственик на Irish Pub Five.
Охриѓани денес ќе можат и на градскиот плоштад да го следат решавачкиот натпревар за историски пласман на Светско првенство помеѓу Македонија и Португалија со почеток во 20:45 часот.
Н.С.Ј.