Со наградата за животно дело во Охрид за 2014 година се закити Димче Стојкоски-Лепи, кој успесите на фудбалот и другите спортови во градот ги преточи во осум книги.
– Уште од млади години го засакав фудбалот, иако играв и ракомет за мене фудбалот значеше живот. И секаде каде што играв или некое дело што ќе го направев јас или останатите спортисти го запишував во посебна тетратка. Кога завршив со спортските активности се што имав запишано во тетратките го преточив на печатена хартија за да остане вечно – рече Стојкоски.
Доајенот на охридскиот спорт првата книга ја напиша на 25-годишниот јубилеј од формирањето на Општинскиот фудбалски сојуз во Охрид. После пет години Лепиот спортот во Охрид го збогати со уште една, која беше испечатена на 500 примероци со 275 страници.
– Првата книга ја напишав за 25 години од формирањето на Општинскиот фудбалски сојуз во Охрид меѓутоа таа беше објавена брзо и немаше многу страници. Но, за 30 години од формирањето на ОФС Охрид напишав книга во 275 страници со сите екипи, судии, делегати и фудбалери кои учествувале во Општинската лига – потенцираше „Лепи“.
Една од книгите е посветена за 80 години од првиот фудбалски клуб во Охрид, кој беше формиран 1921 година.
– Имав голема желба и ми се оствари да напишам книга за 80 години од првата топка и првиот клуб во Охрид, кој се викаше Општински спортски клуб (ОКС). Таа книга се испечати во повеќе од 500 примероци и ден денес некои ја бараат таа книга, но нема повеќе. Во книгата има се до детал и е документирано со фотографија што дава многу голема тежина – додаде Стојкоски.
75-годишниот Димче Стојкоски има и неостварена желба таа е да се организира фудбалски турнир во Охрид по повод 90 години од основањето на првиот фудбалски клуб во градот.
– Кога Фудбалскиот клуб Охрид влезе во Првата лига сакавме да организираме турнир на кој ќе учествуваа најстарите клубови од нашата држава Ф.К. Љуботен, Ф.К. Брегалница, Ф.К. Караорман, Драгој од Албанија и Охрид Лоте, но за жал двете охридски екипи испаднаа и не успеавме во нашата намера – искрено објасна Стојкоски.
Неуморниот спортски работник подготвува нова деветта книга во која ќе се зборува за почетоците не Општинскиот фудбалски сојуз, кој и ден денес непрекинато работи.
– Решив да ја напишам монографијата за 40 години од формирањето на Општинскиот фудбалски сојуз и здружението на фудбалските судии во Охрид каде што јас и Иван Новески, Ацо Јанев, Осман Пател, Мемед Бајромовски бевме во иницијативниот одбор во далечната 1976 година. До тогаш сите ние членувавме во Струга во нивниот Општински сојуз кои тие го имаа формирано во 1970 година. Сега збирам материјали од сите екипи кои од тогаш до сега биле дел од ОФС, а книгата ќе ја промовирам на 19 или 20 август август 2016 година – истакна Стојкоски.
Наградата за животно дело било големо изненадување за Димче Стојкоски, кој исто така е прогласен за почесен претседател на ОФС Охрид.
– Наградата за животно дело навистина ме изненади, и е признание за се она што го имам направено за охридскиот спорт. Неможам да ви објаснам колку сум среќен и им посакувам на сите да го доживеат тоа чувство. Но, во сево ова ми е криво што никој до сега не сака да ме замени и да го продолжи моето дело во Охрид. Работата е макотрпна бара трпение и многу контакти. Кога ќе одам по луѓето да барам слики и податоци, тие единствената слика ми ја даваат со солзи во очите и со верба дека нема да ја изгубам – вели „Лепион“.
Меѓу книгите наменети за спортот во Охрид има една и автобиографија. – Пишувајќи ги монографиите одделував место секогаш за мојата автобиографија, која е во три дела. Во минатото како претседател бев дел од атлетскиот и боксерскиот клуб, а член бев и во извршниот одбор на ФФМ и сите моменти јас ги овековечив во автобиографија.
Михаил Постоловски