Фудбалерите и целокупниот стручен штаб во тимот на Вардар донесоа одлука да ги доиграат контролните натпревари во Анталија, Турција и потоа во Скопје да ги решаваат проблемите кои излегоа после најновата најава за повлекување од клубот на Сергеј Самсоненко. Русинот во неколку наврати најави повлекување, но тоа не се случи, а сега работата е најсериозна затоа што клубот го „тресе“ сериозна финансиска криза.

Играчите и стручниот штаб на Вардар, решивме да ги одиграме последните два натпревари во подготвителниот период и да не дозволиме да се посрамоти името на клубот. Искрено се надеваме на позитивно решение за нашата иднина во периодот кој следува. – изјави капитенот Гачевски.

Вардар е најтрофеен клуб во македонската историја и единствен што играл во фазата по групи во Лигата на Европа. „Црвено црните“ во првата полусезона од македонска фудбалска елита се закитија со титулата есенски шампиони и вакви проблеми не се во прилог на клубот кој ќе води жестока битка со Шкендија за трофејот на крајот од сезоната.

OhridNews