Факултетот за туризам и угостителство со години реализира богата меѓународна сорабока со странски универзитети и мобилност на наставен кадар и студенти. Во текот на оваа година четири професори од ФТУ кои аплицирале добиле гранд за мобилност, а тројца студенти се во постапка за добивање мобилност во странство.

Можам да кажам дека од година во година бројот на апликанти се зголемува. Тековно и кај нас имаме студенти на мобилност, меѓу кои и еден грчки студент од Солун, кој тука е во текот на целата академска година. Идејата е студентите да добијат искуство и дел од своите  студии да поминат во институција во странство за да видат како се студира во таа земја. Предавањата се на англиски јазик и студентот најмалку може да престојува еден семестар, најмногу два семестри на странски универзитет, објаснува професор д- р Цветко Андреески.

Хипократ Каракашоглу, студент по туризам од Солун,веќе неколку месеци престојува во Охрид и ги посетува предавањата на ФТУ. Задоволен е и од градот и гостопримството на луѓето и од тоа како течат предавањата и односот на останатите студенти и професори кон него.

Тука сум и поради фамилијарни причини бидејќи моето семејство потекнува од дел од Македонија. Сакав да дојдам тука и поради себе и да видам што се случува во областа на туризмот. Очекував многу работи, доживеав многу повеќе. Сите мои пријатели кои дојдоја тука беа малку резервирани, но си заминаа со прекрасни впечатоци пред се за луѓето, но и природата. Можам да кажам дека моите впечатоци околу развојот на туризмот тука се многу позитивни, туристичките услуги можат рамноправно да им конкурираат на многу развиени туристички дестинации како што се и оние во Грција. Комбинацијата на природа, култура , временски услови е она што го прави вашиот град уникатен, вели Хипократ.

Целта од соработката со странските универзитети и мобилност на кадар и студенти е пред се да  има движење, размена на студенти и професори,да се стекнат  нови искуства кои подоцна ќе овозможат нов пристап кон образованието, потенцираат од ФТУ.

Т.К.