На Плаошник им беа врачени дипломите на околу 130 студенти кои високото образование го завршија на Факултетот за туризам и организациони науки-ФТОН во 2006 година.
“Мора да бидеме задоволни и од уписната политика и од проодноста. ФТОН покажува најдобри резултати на Универзитетот во Битола и се надевам дека тој примат ќе го задржиме, ни изјави деканот на ФТОН“, проф. д-р Софронија Миладиноски, кој денеска им го честита успехот на дипломираните студенти.
Дипломираните студенти не го криеa задоволството од постигнатиот успех. “Се чувствувам прекрасно“, вели Никола Димоски, еден од стотината млади дипломци.
“Факултетот на насоката туризам го завршив во предвидениот рок, свесен сум дека можностите за вработување се мали но се надевам дека по дипломирањето ќе ни се отворат повеќе врати и дека ќе биде подобро“, оптимист е Никола.
Иднината на младите кои го завршија нашиот факултет е во Охрид, кој тоа впрочем и го заслужува, вели Миладиноски.Сепак тој се согласува со констатацијата дека не секогаш стручниот кадар добива шанса за вработување, дури иако се се работи за специфични професии.
Таков е проблемот со дипломираните студенти по царина од ФТОН, кои со години се жртва на политиката. “Апсолутно сте во право и ние иснсистираме секој да си го најде свето место“, вели деканот Миладиноски.“ Тоа е исто како да одиш на лекар а не те прегледува лекар туку правник или некој друг. Мислам дека тука малку повеќе разбирање треба да има и политиката, не да си вработува по партиски терк туку да вработува по стручност и квалитет и ако така пристапиме на Царината, јас ви гарантирам дека ќе немаме ни корупција ни мито“, вели Миладиноски.
Анализите покажуват дека од сите кои досега се огрешиле од законот ние немаме ниту еден дипломиран студент по царина од ФТОН, сето тоа се несоодветно примени структури. Ако секаде се цени стручноста, студентите кои завршиле на туризам да работат во туризмот, на царина тие со царина, а во осигурителните друштва тие со осигурување, тогаш ќе имаме и брз и соодветен прогрес и нема да се јавуваат аномалии, вели Миладиноски.
И покрај ваквите апели, државата со години го игнорира стручниот кадар на ФТОН и при распишувањето на конкусрите за прием на вработени во царинската управа немаат предност дипломираните цариници, а се примаат кадри од рани профили, кои често се и несоодветни.
Г. Момироски