Управата на Факултетот за туризам и организациони науки – ФТОН Охрид е изненадена од најавата на Министерството за транспорт и врски дека на просторот на кој се наоѓа факултетот и државното средно угостителско училиште, согласно ГУП за град Охрид, е предвидена изгрдаба на хотел.
“Крајно сме изненадени од ваквата одлука на локалната самоуправа за измена на ГУП“, изјави по завршувањето на итната седница на Научно наставниот совет, деканот на ФТОН проф. д-р Софронија Миладиноски. Тој рече дека факултетот ниту знаел ниту барал измена на ГУП кој како што беше најавено ќе биде оспорен пред Уставниот суд, за што факултетот веќе ангажирал адвокати. Миладиноски рече е невозможно да биде распишан тендер за изградба на хотел без предходно да бидат обезбедени услови за дислокација на факултетот и најави дека ФТОН ќе побара помош од ресорното министерство и премиерот.
Според Миладиноски ФТОН не побарал дислокација, туку поднел барање да се обезбеди дополнителен простор потребен за развој на образовната дејност, за што како што рече факултетот добил решение за доградба на уште еден кат на постоечкиот објект.
Од одделението за урбанизам при локалната самоуправа потврдуваат дека на просторот на кој се наоѓа ФТОН со новиот ГУП кој беше донесен во 2006 година предвидена е туристичко-угостителска зона.
“Целата охридска јавност бече информирана дека се носи ГУП, кој беше ставен на јавен увид и сите засегнати странки можеа да бидат информирани и да видат што и како се предвидува со новиот урбанистички план“, изјави Тихомир Дурнев, раководител на одделението за урбанизам и заштита на животната средиба при локалната самоуправа.
Дурнев рече ГУП сега не може да биде оспорен бидејќи биле изминати сите рокови за жалба. Тој објасни дека согласно ГУП предвидено е ФТОН и други образовни институции да се дислоцираат во северната зона на градот на просторот каде сега се наоѓа касарната во Охрид, додавајќи дека сепак конечната одлуката што и како ќе се гради на просторот на факултетот во Охрид ќе одлучи Министерството за транспорт бидејќи се работи за државно земјиште.
Г. Момироски
фото: С. Костоски