Изготвувањето на Национална стратегија и следењето на глобалните текови се клучните елементи за развој на туризмот, сметаат научните работници од областа на туризмот. Според нив иако Македонија континуирано продуцира стручен кадар, туризмот не го бележи очекуваниот развој.

Експертите посочуваат дека Македонија 17 години нема изготвено сопствена стратегија за развој на туризмот, а земјата со девизен прилив од туризмот од околу 100 милиони долари годишно далеку заостанува зад земјите во регионот.

Кои се правците и светските трендови  за развој на туризмот во 21 век е тема на дводневната конференција посветена на изградба на стратегијата за развој на туризмот во 21 век, што денеска започна во Охрид. На конференцијата што ја организира Факултетот за туризам и организациони науки (ФТОН) од Охрид, учествуваат 154 експерти од областа на туризмот од 12 земји од Европа, а ќе бидат презентирани над  100  научни трудови.

Научните работници сметаат дека државата треба при изготвувањето на туристичката стратегија да ги вклучи експертите.

 
“Ние наместо да ја градиме стратегијата во нашите стручни високообразовни институции бараме друг да ни прави стратегија што е грешка, затоа што препуштањето на изработката на стратегија за развој на туризмот на институции од надвор од земјата не е адекватно на потребите на Македонија.

Стратегијата најквалитетно и најдобро секогаш може да ја направи оној кој ја чувствува таа туристичка вреедност“ смета деканот на ФТОН, проф д-р Софронија Миладиноски.

Потпретседателот на владата, Живко Јанкуловски информираше дека во изготвувањето на стратегијата за развој на туризмот, што е во тек, ќе бидат вклучени професори од ФТОН, и дека стратегијата ќе ги отсликува реалните потреби на македонскиот туризам.

Тој најави дека до крајот на годината е можно да започне изградбата на најмалку еден хотел на светски познат бренд, што заедно со уредувањето на плажите на охридската ривиера ќе значи квалитет плус во туристичката понуда.

Во Македонија на сила е стратегијата која ја изработија експерти од Франција и секторот за туризам во министерството за економија, според која веќе е остварено се што е зацртано во неа до 2010 година, вели претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески.

“Тоа значи дека кога некој од надвор ви ја пишува стратегијата, а не се консултираат домашните кадри и потенцијали, може да има многу нереални или непознати работи од кои македонскиот туризам нема бенефит“, рече Танески. Според него најавата на владата за изградба на бренд хотели на охридската ривиера е добра бидејќи тоа ќе значи промоција на Охрид и Македонија насекаде во светот.

Иако конференцијата е посветена на развојот на туризмот, туристичките работници и оваа година покажуваат слаб интерес за научните дискусии. Конференцијата за развој на туризмот која се одржува секоја втора година, годинава се одржува по 9-ти пат.

На конференцијата во Охрид учествуваат и претставници на научни институции од повеќе соседни земји, меѓу кои и од вишата менаџерска школа во Белград која склучи договор со ФТОН за дообразување на своите кадри на охридскиот факултет.

Г. Момироски