Општините Охрид, Струга и Дебрца неодложно треба да воведат мораториум на секаква градба, но и на донесување било какви урбанистички планови, велат од невладината Фронт 21/42. Реакцијата доаѓа по заклучоците на Владата донесени на 146 седница на која е одлучено да се повлече новиот Закон за управување со Охридскиот регион, а на општините им се препорачува да прогласат мораториум на градежните активности, како и да изготват акциски план за спроведување на препораките на УНЕСКО, во рок од 10 дена.
Комитетот за светско наследство бара да се воспостави мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација, која (според нашите закони) е во надлежност на општината, која има уставна и законска обврска да ги стопира сите градежни активности и постапки за урбанистички планови, уште од 2017. Според официјалното толкување на ИУЦН (советодавното тело на УНЕСКО за природа), кое го побаравме уште во јули 2016: „промени во постоечки планови се сметаат за чекор во спроведување на проекти за урбана и крајбрежна трансформација“, посочуваат од Фронт 21/42.
Ова значи дека општините, од 2017та наваму, имаат законска обврска, не само да ги прекинат сите градежни активности (како што сега им препорачува Владата), туку и да ги стопираат сите постапки за урбанистички планови. Во оваа насока, уште еднаш бараме општина Охрид да ги прекине постапките за: ЛУПД Лескоец, Општ акт Елшани, УПВНМ Турстички Комплекс Горица, Проект за реконструкција на Кеј Македонија, УПВНМ КО Трпејца; и сите други постапки за урбанистички планови. – бара Фронт 21/42.
Овие, и уште 24 други урбанистички планови донесени во периодот 2017-2019 се директно и многу свесно прекршување на препораката на УНЕСКО. За ниту еден од овие планови нашата држава не го извести УНЕСКО, со што прекрши уште една препорака –редовно и целосно да го известува УНЕСКО за сите планови и проекти. – велат од Фронт 21/42.
OhridNews