Фрижидерот наречен “Meneghini La Cambusa” лесно би можел да ја замени целата кујна, бидејќи содржи шпајз, апарат за кафе па дури и телевизор. Доколку ваш единствен критериум при изборот на фрижидер претставува доволно големата површина за ставање магнети, тогаш “Meneghini La Cambusa” дефинитивно не е за вас. Освен основната функција, овој фрижидер на корисниците им нуди многу повеќе. Покрај тоа што намирниците ги чува на ниска температура, тој произволно може да биде дополнет со разни направи, како што се апарат за кафе, ледомат, па дури и телевизор со рамен екран.
Со оглед на тоа што чини 41 илјада долари, ова парче мебел е наменет за купувачите со подлабок џеб. Цената варира во зависност од тоа кои специјални додатоци купувачот ќе ги избере, а секој фрижидер посебно се прави во Италија. Меѓу најпопуларните додатоци се апарат за кафе кој чини 3000 долари и микробранова печка. За оние кои не можат да си дозволат ваков луксуз, постојат и поефтини варијанти од трокрилниот фрижидер. Една од нив, која чини 13 илјади долари, е во сопственост на славната готвачка Најџела Лосон. “Meneghini La Cambusa” може да се нарача во една од 500 бои, а само дрвената рамка чини неверојатни 26 илјади долари.