Во најновиот извештај на Фридом хаус „Нации во транзиција“, Македонија и натаму останува во групата „преодни влади или хибридни режими“.
Македонија беше деградирана на ова ниво во минатиот извештај на Фридом хаус. Во најновиот извештај на Фридом Хаус се наведува дека Македонија продолжува да забележува пад, особено во категориите изборен процес и граѓанско општество.
Се забележува дека претседателските и предвремените парламентарни избори во април 2014 година биле нарушени со провладини публикации во медиумите и пристрасност и злоупотреба на административни ресурси, што доведе до долготраен бојкот на парламентот од страна на опозицијата.
Владата, како што се оценува во извештајот, продолжува да спроведува голем број позитивни институционални реформи што ги бара Европската унија, но загрижувачките случувања во последните неколку години ја довеле под прашалник посветеноста на владејачката партија во врска со политичкиот плурализам и транспарентноста.
Во извештајот се забележува и тоа дека граѓански групи и спонтани народните движења беа против проблематичните владини предлози, вклучувајќи ги и оние за поткопување на независноста на универзитетите.
Инаку, од седум земји на Балканот, четири забележуваат пад во демократските процеси, главно поради состојбата на медиумите и судството. Освен Македонија, меѓу нив се Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Владините реформи и чекорите за борба против корупцијата ѝ донесоа напредок на Албанија. Фридом хаус констатира дека напорите за демократизација во Европа и Евроазија, се соочуваат со нови, сé повеќе агресивни напади од страна на авторитарните држави и други противници.
Најмногу, во извештајот, назадувала Русија поради „задушувањето на домашните протести“ и „обидите за дестабилизација на новата влада во Украина“. Пад забележа и Унгарија којашто од „консолидирана сега е во земјите со полу консолидирана демократија“.
OhridNews
Извор:„Макфакс“