Македонија е на последно место на Балканот според слободата на медиумите, соопшти „Фридом хаус“ во најновиот извештај.

Во извештајот земјите добиваат бодови за состојбата, од 0 за најслободните до максимум 100 за најмалку слободните. Резултатот на Македонија е 58, со што се рангира како најлошата земја на Балканот.

Во извештајот, меѓу другото, се наведува дека оценката за Македонија е влошена во изминатите пет години, а се посочува случајот со новинарот Тимислав Кежаровски, кој, како што се наведува, бил притворен под сомнителни обвиненија дека открил идентитет на заштитетн сведок во случај на убиство.

„Фридом хаус“ оценува дека слободата на медиумите во светот лани била на најниско ниво во последните 10 години, а новинарите се повеќе се соочени со рестрикции од државните власти, од воени структури, од криминалци и од сопствениците на медиумите. Од вкупно 199 рангирани држави, 63 се слободни, 71 делумно слободна, а 64 неслободни. Само 14 отсто од популацијата во светот живее во држави каде што медиумите се слободни. На врвот на листата како најслободни земји се рангирани Норвешка, Шведска и Белгија, а на дното како најмалку слободни се Туркмениста, Узбекистан и Северна Кореја.

OhridNews

Извор:„Вест“