Македонија во најновиот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2023“, има годишен индекс на слободата од 68 од можни сто поени, што е напредок од еден индексен поен во споредба со лани.

Со оценката 68, Македонија е рангирана во групата на „делумно слободни“ држави. Во истата група се и повеќето земји во регионот. Србија бележи пад и има 60 поени, исто колку и Косово кое, пак, има напредок од четири поени. Албанија и Црна Гора имаат оценка 67, Бугарија 79, Хрватска, 84 и Грција 86. Највисок индекс на слободи меѓу земјите во регионот има Словенија – 95, а најнизок Босна и Херцеговина – 52.

„Фридом хаус“ во најновиот извештај забележува дека глобалната слобода се намалува 17-та година по ред. Руската инвазија доведе до катастрофални нарушувања на човековите права во Украина, а новите преврати и други обиди за поткопување на избраните власти ги дестабилизираа Буркина Фасо, Тунис, Перу и Бразил, оценува организацијата.

Земји со најголеми слободи во светот се Шведска, Норвешка и Финска со маскимални 100 поени, САД имаат 83, Русија 16, Кина 9, а Украина 50. Најнеслободни држави се Северна Кореја со три и Сирија со еден поен.

OhridNews