Синоќа во Куќата на Уранија беше отворена изложбата „Дебарца – од теренските истражувања“, која претставува краен продукт од двегодишното теренско научно – истражување на стручниот тим од НУ Завод и Музеј – Охрид, предводен од долгогодишниот истражувач и историчар на уметност, Гоце Ангеличин Жура и архитектот-конзерватор Горан Патчев.

Охриѓани имаа несекојдневна можност да се запознаат со фрескоживописот и сакралната архитектура од 15-ти до 19-ти век, селските слави и обичаи, како и руралната архитектура во општина Дебарца.  

Според Гоце Жура, внатрешноста на сакралните објекти говори за генијалноста и умешноста на македонските зографи, кои со векови од колено на колено  ја пренесувале и продолжувале традицијата на отсликување на христијанските храмови.

Да се истражува регионот на Дебарца, навистина претставува не само задоволство, туку и привилегија на секој поединец, вљубеник во природните и културните убавини на оваа област. Со својата извондредна географска местоположба, особено со богатството на многубројните цркви и манастири, Дебарца претставува своевиден бисер со посебен ареал на флора и фауна, што Господ ја создал на земјата.“ – потенцира Жура.

Како што објаснува Жура, Дебрца изобилува со сакрални објекти изградени уште од времето на светите Климент и Наум, кои се нераскинлив дел од разновидното културно богатство кое говори за традицијата и недопрените живописни предели во овој крај.

„Од времето на светите Климент и Наум потекнуваат: триконхалната црква посветена на „Св. Богородица – Пречиста“ кај село Злести и црквата „Св. Никола“, сместена во еден незаборавен живописен предел, на околу два километри од денешното село Издеглавје. Во Велмеј се наоѓа црквата посветена на чудотворецот и заштитникот на водите, „Св. Никола“, во која над јужниот влез во една полукружна лунета е насликана единствена претстава на „Св. Богородица“ со малиот Христос, кој на левото уво носи наушница со потекло од 13-ти век.“ – објаснува Жура.

Петнаесеттиот век изобилува со изградба на цркви и манастири, а меѓу повпечатливите се манастирскиот комплекс „Сите светци“ кај селото Лешани, „Св. Ѓорѓи“ во Годивје и црквата „Св. Богородица-Ќелија“ во селото Велмеј. Жура потенцира дека од 17-тиот век, интересен е живописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Врбјани, во која за прв пат се насликани ликот на охридскиот архиепископ Прохор, односно ликот на Св. Наум Охридски облечен како архиереј.

Со најновите археолошки истражувања се дојде до епохални отркитија. Под темелите на црква „Сите Светци“ од 15-ти век се откри постар храм и некропола на калуѓери, кој според гробните прилози потекнуваат од 10-11 век. Уникатна е црквата посветена на Св. Ѓорѓи во селото Годивје од 15-ти век, која по својата архитектура е слична со оние на охридските цркви Св. Константин и Елена и Св. Богородица – Болничка. Во олтарниот простор се насликани фигури на двоглави орли, стари симболи на македонската царска власт и јагне со иницијали на Исус Христос, претстава која го симболизира Добриот Пастир. Би ја споменале и црквата Св. Богородица-Ќелија во Велмеј, во чии конаци постоело женско ќелијно училиште. Со промената на општествените услови кои ги носат 19-тиот и 20-тиот век, се обновуваат старите и се градат нови велелепни црквковни зданија. Меѓу нив се Св. Никола во Мраморец, Св Недека и Св. Богородица во Слатино, Св. Илија во Лактиње и други.“ – потенцира Жура.

Архитектот и конзерватор, Горан Патчев, истакна дека една од основните задачи на НУ Завод и Музеј Охрид е постојано извршување увид врз состојбата, пратење на промените на фрескоживописот и архитектурата во сакралните објекти, кои од година во година претрпуваат неповратни промени.

Селата кои ги посетивме се агломерации од релативно збиена рурална структура која се формира на перифериите на равниците или подножјата на планините долж водените токови. Исто така, се карактеризираат со слаба населеност, но и со високо рурално -архитектонски квалитети за што сами по себе се предизвик за поопширна анализа. Архитектонскиот коцнеп на куќата на живеење е со јасна функционална диференцираност на станбен и економски дел. Тие се со приземје и кат, при што во приземјето се сместени визби или отворени тремови. На катот се одаите во кои се стигнува со надворешни скали преку отворен чардак. Друг концепт е со внатрешни скали и исфрлени балкони со очигледно градско влијание.“ – истакна Патчев.

Главниот концепт на куќите е конструкција од камени ѕидови, ѕидани со кал и појачани со дрвени либажни слоеви видливи на фасада. Како што додава Патчев, сета ова архитектонска концепција, просторно обликување и пропорционалност, укажува на повисокиот стандард на култура на домување во овие селски средини, кои масовно се напуштени во 60-тите години од минатиот век.

Еден концепт е со камен ѕид до чатија и друг со бондрук исполнет со плитени тули на кат. Понекаде катот ако е од плит, се обложува со дрвени летви и малтер од кал појачан со сламени струготини или животински влакна. Видливи се кај побогатите куќи и завршна обработка на фасада од варов малтер. Објектите од камен често завршуваат со венец од камени плочи или бигор.“ – додава Патчев.

Оваа изложба е реализирана во соработка со Министерството за култура и директорката на НУ Завод и Музеј – Охрид, Тања Бунташеска Паскали. Истражувањето го поддржаа Јорданка Матова – експерт за црковна архитектура, м-р Марија Каневче – етнолог, архитект Весна Наумовска и Гордана Ангеличин Жура –  резиме на англиски јазик.

O.T.