Едно од најголемите имиња во електронската музика, светски познатиот диџеј и продуцент – Фед Ле Гранд (Fede Le Grand), летово доаѓа на Грин Бич Фестивал (Green Beach Festival) во Охрид на 31-ви јули.

По епските настапи на Пол Ван Дајк, Армин Ван Бјурен, Фери Корстен, Роџер Санчез, Карл Кокс, Џон Дигвид и други, Грин Бич Фестивал продолжува со традицијата на најдобра електронска фестивалска понуда и со огромно задоволство ви го најавува неверојатниот Фед Ле Гранд, велат од Октопуси Ентертејмент и Пасворд Продакшн, организатори на шестото издание на Green Beach Festival кој традиционално се одржува на плажата „Парк“ во Охрид. 

Редовен хедлајнер на најголемите електро – денс фестивали во светот, Фед Ле Гранд зад себе има блескава кариера, настапува пред преполни арени, реди светски хитови, соработува со најголемите музички имиња и е добитник на многу меѓународни награди и признанија.

Фед Ле Гранд е човекот кој повеќе од 10 години ги тресе подиумите ширум светот, чија музика Мадона ја користеше за промоција на “Sticky and Sweet“ турнејата и кој го измикса нејзиниот хит “Give It to Me”. Станува збор за артист чии изданија се носат рамо до рамо со оние на Дејвид Гета, Стив Анџело и Аксвел… 

Тој е диџеј со огромни хитови зад себе и фантастични ремикси на Колдплеј, Роби Вилијамс, Мајкл Џексон, Фетбој Слим, Мартин Солвег, Шакира, Шарам и други.

Комбинирајќи различни жанрови успева да ги привлече сите фанови на електро – денс сцената, а специфичноста на сетот и сценографијата на годинашните летни настапи гарантираат незаборавен спектакл на Грин Бич Фестивал.

Фед Ле Гранд ја започнува кариерата со низа успешни претставувања во родната Холандија, по што следува отворањето на неговиот клуб “Sneakerz“ и издавачката куќа “Фламинго Рекордингс”. Во 2004-та, оваа компанија почнува да го издава неговиот уникатен звук, за истата денес да биде сместена меѓу највлијателните светски електронски издавачки куќи. “Фламинго рекордс” е етикетата под која во 2006-та се објави експлозивниот хит што го стресе светот – “Put your hands up 4 Detroit”. Синглот беше број еден во Велика Британија, Шпанија, Русија, Финска и ред други земји и во истата 2006-та ги освои престижните награди за најдобра андерграунд хаус трака и најдобра брејк – електро нумера. “Put your hands up 4 Detroit” му го отвори патот во електро меинстримот, што не беше причина тој да не експериментира со помалку мрачниот минимал тек хаус, каде создава еднакво успешни траки како и неговите хитови.

Импресивниот старт на глобалната кариера на Фед Ле Гранд беше само почеток, а најголемите сензации допрва следуваа. “Let Me Think About It“, “The Creeps“, “Take No Shhhh“ и “3 Minutes to Explain“ беа следните хитови кои ги запалија клубовите и го вивнаа името на Фед Ле Гранд во врвовите на музичките листи ширум светот.

Со објавувањето на првиот албум “Output” освои преку 60 земји и одржа лекција по мешање на хип хоп, фанк и денс влијанија. Негови соработници биле Роб Бирч од Стерео Емсис, добитникот на Греми – Вил Ај Ем од Блек Ајд Пис, Мистер Ви, Мич Краун, Ида Кор, Камил Џоунс и многу други. 

Резидент настапите во славниот “Pacha” на Ибица, безбројните фестивали и легендарните забави “Фламинго најтс”, кои го редефинираат денс доживувањето, повикуваат на настанот кој што не смеете да го пропуштите летово – Фед Ле Гранд на Грин Бич Фестивал во Охрид.

OhridNews