Љубомир Фрчкоски и Рената Дескоска од СДСМ и Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат членови на комисијата формирана да утврди одговорност за настаните од 24-ти декември 2012 година во и надвор од Собранието, на втората средба кај претседателот Иванов, пренесува „Макфакс“

Како што информираат од Кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов, договорено е Комисијата да функционира во рамки на Собранието.

На некоја од следните средби ќе биде одлучено кој ќе биде претседател на Комисијата, кој треба да го одреди претседателот Иванов, како иницијатор за формирање ваква комисија, која треба да послужи за надминување на политичката криза.

Формирањето на Комисијата доаѓа откако тоа беше договорено со потпишување на политичкиот договор меѓу двете најголеми политички партии во земјава, под капата на Европската унија.

На 24-ти декември, протестот на опозицијата инициран да не се донесе Буџетот на републиката со кој не се сложуваа, се префрли од пред – во Собранието, па опозициските пратеници кои најпрво не дозволуваа да се влезе во пленарната сала, потоа не сакаа да излезат, па беа отстранети од собраниското обезбедување,

Претходно беа отстранети од собраниската галерија и акредитираните новинари кои известуваат од собраниските седници.

Буџетот потоа на седница на која присуствуваа само владејачките пратеници и опозициските од ДПА, беше донесен без никаква расправа.

OhridNews
извор:„Макфакс“