Половина век работа во кинематографијата и 41 филм стојат позади светски познатиот режисер од Франција, Клод Лелуш кој вечерва во Охрид ја доби златната маска за животно дело.

На затворањето на Првиот фестивал на францускиот филм, на Античкиот театар  беа доделени и останатите награди.
Гранд при-то за најдобар филм прикажан на фестивалот замина во рацете на екипата што го создаде филмот „Тајна“. Фестивалското жири одлучи златната маска за најдобра машка улога да му ја додели на Амлбер Дипонтел кој глуми во филмот „Близок непријател“. Сандрин Бонер беше наградена за најдобра женска улога во филмот „Добро срце“.

Карин Тардје и Мишел ле Клер, според жирито, беа најдобрите сценаристки кои го создадоа филмот  Насмевката на мама“, а Флоран Емилио-Сири си заминува од Охрид одликуван со златна маска за најдобра режија за филмот „Близок непријател“.

Со кусо навраќање на филмските остварувања на Клод Лелуш, и со прикажување на неговиот најнов филм „Џепен роман“ вечерва заврши Првиот фестивал на францускиот филм. на свеченото затворање присуствуваа и претседателот на фестивалот, Макс Азуле, почесниот претседател Ив Боасе, францускиот амбасадор во Македонија, Бернар Валеро, амбасадорот Јордан Плевнеш, претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Велјановски, како и гости од земјава и странство.

Петте фестивалски вечери беа исполнети со 11 играни и 4 кусометражни филмови. Организаторите и учесниците се задоволни од приемот на филмовите кај публиката и како што беше речено, очекуваат дека фестивалот ќе прерасне во традиција и ќе биде близок по своето значење и големина на Канскиот фестивал. 

Александра Ристоска