Во Охрид ќе се снима филм во македонско-француска копродукција со буџет од милион евра, но деталите допрва ќе с епрецизираат. Ова беше соопштено денеска на претпоследниот ден од Фестивалот на францускиот филм што се одржува во Охрид.
„Филмовите прикажани во рамките на фестивалот наидоа на одличен одзив кај охридската публика, но и кај туристите кои имаа можност да ги видат, но задоволни сме и ние како организатори“, изјави директорот на фестивалот, Зоран Велјаноски –Летра. Тој рече дека денешната „Езерска средба“ на 40-тина продуценти од Франција, Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Албанија и Турција треба да биде почеток на идната соработка и формирање копродукции. Велјаноски кажа дека во неформалните средби со продуцентите било разговарано Охрид да биде центар на снимањето филнмови од страна на француските продуценти и режисери.
Денеска во рамките на фестивалот ќе се прикажат уште три играни филма. „Самоуништување во два дена “ на репертоарот е во 16, филмот „Чекајќи некого“ е закажан во 18:30, а „Крвна поврзаност“, публиката ќе има можност да го гледа во 21 часот.
Првиот фестивал на францускиот филм ќе биде затворен утревечер во 20 часот на Античкиот театар во Охрид кога ќе бидат доделени и наградата „златна маска“ на светски познатиот режисер и сценарист, Клод Лелуш, како и наградите за најдобар филм прикажан на фестивалот, за најдобра режија, како и за најдобри машка и женска улога. Фестивалската завеса ќе биде спуштена со филмот на Лелуш. „Џепен роман“ што ќе биде прикажан утревечер на Антички театар.