Најмногу чоколадо во Европската Унија јадат германците, а на второто место се британците. Германците трошат 11,6 килограми чоколадо годишно по жител, а британците 9,7 килограми, јавиле француските медиуми. На оваа листа, објавена по повод одржувањето на 19 Салон за чоколадо во Париз, тертопласирани се данците, кои годишно во просек јадат 8,1 килограм чоколадо, а ги следат белгијанците со годишна потрошувачка од 7,66 килограми.

На петтото место се естонците со 7,11 килограми, а на шестото финците со 6,8. Французите, кои се на седмото место, во просек јадат по 6,5 килограми чоколадо годишно, а за нив карактеристично е тоа што далеку повеќе од останатите европјани конзумираат црно чоколадо, кое во вкупната потрошувачка е застапено со 30 проценти. Според анкетата, спроведена пред одржувањето на Салонот во Париз, секој трет жител на Франција секојдневно конзумира чоколадо, а 29 проценти од нив изјавиле дека го обожаваат овој десерт.