Французинот Аквел Рејмонд со рекорд на патеката „Климе Савин“ триумфираше на 27-то издание на Охридскиот пливачки маратон. 19-годишниот француски маратонец делницата од 30 километри ја помина за (5, 09, 54, 95) и го сруши рекордот на единаесет кратниот победник Петар Стојчев поставен минатата година со време од 5 часа, 19 минути, 30 секунди и 35 стотинки.

–  Ми беше задоволство да победам во Охрид каде конкуренцијата беше голема. Патеката не беше толку тешка колку што условите во Охридското езеро беа променливи. Следната година ќе направам се да дојдам тука и да ја одбранам титулата освоена оваа година – рече победникот на Охридскиот пливачки маратон, Рејмонд.

Сребреното одличје во машка конкуренција му припадна на Италијанецот, Едуардо Сточини со една минута заостанување зад победникот Рејмонд. Рускиот пливаќ Иван Афоневиќ во неизвесен финиш го победи Евгениј Поп Ацев, кој заврши на четвртата позиција додека петти низ целта помина Томи Стефаноски.

Фотофинишот кај дамите и припадна на Италијанката, Мартина Гримала (5, 24, 07, 25) која за 21 стотинки беше побрза од минатогодишната победничка Русинката, Олга Козудуб. Бронзениот медал во женска конкуренција замина во рацете на хрватската маратонка Карла Ститиќ со време (5, 24, 48, 91).

Победникот на 27-то издание на Охридскиот пливачки маратон, Аксвел Рејмонд ќе заработи 10 000 долари од главниот покровител Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Мх.П.